12 август 2023

„Заштита од кражби“ и „Слави со срце не со оружје“ – превентивни активности на СВР Куманово


Во рамки на оперативниот план на МВР „Безбедно лето 2023“, изминатава недела полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово реализираа превентивни активности под мотото, „Заштита од кражби“, „Слави со срце не со оружје“.
Во Здружението на армиски и полициски ветерани во Куманово беше одржано едукативно предавање за мерките за заштита и самозаштита од разбојништва, кражби, џебни и дрски кражби. Целта на активноста, покрај едукативно – информативниот карактер, е заштита и спречување, односно намалување на бројот на кривични дела од областа на имотните деликти. Воедно, од страна на волонтери од Црвениот крст Куманово, на ветераните им беше презентирана и показна вежба за укажување прва помош.
Исто така во Куманово и Општина Старо Нагоричане беа организирани средби со претставници и сопственици на угостителски објекти, при што им беше потенцирана потребата за преземање мерки за поголема безбедност и зачувување на јавниот ред и мир, поголема безбедност на малолетни лица при нивно присуство во угостителските објекти, придржување на пропишаните норми за дозволена гласност и целосно почитување на законските одредби.