Во текот на вчерашниот ден (01.08.2023) полициски службеници од Регионалниот центар за Гранични работи Југ, Полициската станица за граничен надзор и гранични проверки Стар Дојран, претставници од Фронтекс распоредени во Полициската станица за Граничен надзор и Граничен премин Стар Дојран, во соработка со ЈП „Национални шуми“ - Гевгелија и Шумската полиција од Гевгелија спроведоа превентивна активност во рамките на оперативниот план „Безбедно лето 2023“. Активностите кои што се спроведоа под мотото „Да ги заштитиме нашите шуми од шумски пожари и бесправна сеча“ беа реализирани на повеќе локации што го покрива подрачјето на Дојран, како и населените места, односно селата Николиќ, Црничани и Фурка.
Притоа, во разговор со граѓаните тие беа информирани за причините и последиците од шумските пожари и дрвокрадството на шумскиот фонд, со апел до нив за поголема будност и одговорност. Граѓаните беа запознаени за воведувањето на делумна забрана на движење во шумите и шумското земјиште во временскиот период од 06.00 до 20.00 часот, како и со законските регулативи и санкциите во поглед на предизвикувањето на пожари и незаконската сеча на дрва. Воедно, од страна на полициските службеници беа поделени летоци со информативна содржина изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“.