31 јули 2023

Превентивни активности на СВР Куманово

 Во рамки на оперативниот план на МВР „Безбедно лето 2023“, изминатава недела Секторот за внатрешни работи Куманово во Куманово и околните села реализираше низа превентивни активности од областа на превенцијата од шумски пожари и дрвокрадство, како и од областа на имотните деликти и сообраќајната безбедност. Притоа под мотото – „Да ги чуваме нашите шуми“, и „Лето без пожари“, во селата Пчиња, Студена бара и Вакв, кумановско, беа реализирани непосредни средби и разговори со жителите на овие населени места, претежно со оние кои се занимаваат со сточарство и управуваат земјоделски машини при вршењето на жетвените работи, со цел превентивно да се информираат, но и да се подигне нивната свесност и одговорност за шумите и нивното природно и општествено значење за заедницата и за општеството во целост. Месното население беше запознато од страна на полициските службеници како да се постапува и каде да се пријавуваат криминалните активности кои ќе ги забележат во шумите или во случаите на настанувањето на шумски пожари или пожари на ниви. Покрај ова, полициски службеници од СВР Куманово во соработка со општинска организација на Црвениот крст Куманово, во централно градско подрачје на Куманово во рамки на ,,Безбедно лето 2023“ реализираа и показни вежби за правилно укажување на прва помош. Притоа, волонтерите на Црвениот крст одржаа показна вежба за правилно укажување прва помош при топлотен удар, колабирање и изгореници од прв степен.