Полициски службеници од СВР Битола, односно од Одделенијата за внатрешни работи Крушево, Демир Хисар, Македонски Брод, Ресен, Прилеп, како и од Полициските одделенија Новаци и Кривогаштани во соработка со Јавното претпријатие „Национални шуми“ вчера (25.07.2023) на повеќе локации кои водат кон шумските предели и излетничките места особено во близина на населени места, реализираа превентивни активности во рамките на проектот „Безбедно лето“, а посветени на превенција и мерки за заштита од шумски пожари и заштита од бесправна сеча на шуми.
Преку делење на летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“, како и во непосредна комуникација со граѓаните, полициските службеници укажуваа за законските санкции во поглед на предизвикувањето на пожари и во поглед на бесправното сечење на шумите, а секако и за потенцијалните штети што тие може да ги предизвикаат за животната средина и шумскиот фонд.
Исто така, полициските службеници од Полициската станица Битола, при СВР Битола, во Старата битолска чаршија реализира бројни превентивни активности на неколку теми: „Слави со срце - не со оружје“, потоа „Бизнисот и безбедноста“ и за темата – „Заштита од кражби и измами“. Притоа, во непосредна комуникација со граѓаните посебно во Градскиот пазар и централното подрачје на Битола беа споделени низа совети и информации за поголема внимателност и самозаштита од кражби и измами, за штетноста и последиците од користењето огнено оружје при прослави и веселби, за почитување на Законот за јавниот ред и мир и почитување на Законот за оружје.
Во делот, пак, на безбедноста во сообраќајот на подрачје на СВР Битола, посебно во Прилеп и Крушево акцент беше ставен на превентивната активност под мотото „Вози одморен“ и „Паркирај совесно и одговорно“ каде на возачите дополнително, покрај укажувањата за внимателност, им беа делени и летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со РСБСП.