Во рамки на реализацијата на оперативниот план „Безбедно лето 2023“полициски службеници од полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Стење при Регионалниот центар за гранични работи Запад, во текот на вчерашниот ден на овој граничен премин реализираа превентивна активност под мотото – „Превенција за заштита од топлотен удар“.
Од страна на полициските службеници покрај практичните сугестии до возачите и патниците за задолжителна внимателност и одмор, беше поделена флаширана вода за пешаците, за возачи и нивните сопатници, при влез и излез од Република Северна Македонија.
Во непосредна комуникација полициските службеници ги потсетуваа патниците дека топлото време и високите температури може да предизвикаат сериозни последици врз здравјето, да доведат до состојби како што се сончаница и топлотен удар и директно да влијаат врз безбедноста на сообраќајот. Се планира ваквите превентивни активности да продолжат и во наредниот период.