Полициски службеници од полициската станица од општа надлежност Неготино при Секторот за внатрешни работи Велес, вчера на неколку локации на подрачјето на Неготино, спроведоа превентивна активност во рамки на кампањата „Безбедно лето 2023“, со посебен акцент на превенцијата од кражби и тешки кражби во домовите.
Во текот на низата средби и разговори со граѓаните, полициски службеници укажуваа и појаснуваа за формите на имотни деликти, за законскиот третман на различните видови на имотен криминал и околу начините и постапките кои треба да ги преземат граѓаните со цел да се заштитат од сторителите на вакви кривични дела, односно кои мерки да ги практикуваат и на што треба посебно да внимаваат при отсуство од своите домови особено за време на годишните одмори.
Покрај ова, на граѓаните им беа поделени печатени материјали со практични совети и содржини од областа на превенцијата од имотните деликти.
Покрај ова Отсекот за превенција при СВР Велес во текот на вчерашниот ден реализираше и превентивна активност – „Заштита од топлотниот бран“.
При спроведувањето на активноста на градскиот плоштад во Кавадарци и во близината на Зелениот пазар на повозрасната категoрија граѓани покрај практичните совети за самозаштита од високите температури и екстремниот УВ индекс на зрачење им беа поделени флаери со едукативна содржина со корисни совети за заштита од високите температури во овој период од годината.