Изминативе два дена полициски службеници од СВР Куманово спроведоа превентивна активност во рамките на кампањата за заштита на шумите, а во пресрет на претстојната летна сезона. Во непосреден разговор со жителите од селата во општината Старо Нагоричане и село Доброшане, кумановско, на граѓаните им беше укажано дека секое незаконско сечење на дрва е кривично дело кое има законски последици, а особено во летниот период кога дополнително се зголемени и опасностите од шумски пожари, па во таа смисла беше потенцирано дека е неопходно строгото почитување на законите како граѓанска обврска.
Исто така, на граѓаните им беше посочена потребата од внимателност, но и потребата за благовремена соработка и комуникација со надлежните служби, вклучително и полицијата во интерес на превенцијата од бесправното сечење на шумите. Целта на проектот е да се информираат локалните жители за овој вид на криминалитет и да се подигне свеста на граѓаните во спречувањето на дрвокрадството и превенцијата од шумски пожари. Воедно на жителите им беа поделени и едукативни печатени материјали со информативни содржини изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“ и Шумската полиција.