13 јуни 2023

Превентивни активности на СВР Битола

Во текот на вчерашниот ден (12.06.2023) полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Битола, во општина Новаци реализираа превентивна активност насочена кон безбедноста во сообраќајот, особено од аспект на користење на земјоделска механизација и приклучни возила. Активноста беше спроведена со поддршка од претставници од подрачното Министерство за земјоделство Битола, претставник од Агенцијата за привремен развој на земјоделството Битола, Здружение на современи земјоделци Битола и локалната самоуправа.

Целта на превентивната активност е едукација и подигање на свеста кај возачите на трактори и други мобилни машини со цел нивно одговорно учество во сообраќајот, како и едукација за потребата за управување на технички исправно возило. Исто така на граѓаните им беше презентирана законската обврска, возилата да бидат соодветно и прописно обележани и осветлени, а доколку истиот учествува при сообраќајна незгода колку е важно возилото да биде редовно регистрирано.

Исто така, денес (13.06) од страна на полициски службеници од СВР Битола, се одржа состанок со професионалните возачи на автобуси и такси компании кои гравитираат на подрачје во и околу Битола. На состанокот се зборуваше за законските обврски кои треба да ги почитуваат професионалните возачи, почитување на сообраќајните правила и прописи, техничка исправност на возилата како и нула толеранција за конзумирање алкохол при управување со истите.