Денеска (01.06.) СВР Скопје, односно Одделението за превенција заедно со Факултет за безбедност – Скопје, во рамки на континуираните превентивни активности, одржа едукативни работилници во основните општински училишта на подрачјето на општина Кисела Вода, “Кузман Јосифовски Питу“ и “Партение Зоографски“, а на тема врсничко насилство.
На едукативните работилници посветени на учениците од осмо и деветто одделение, преку соодветна видео презентација, на основците им беа појаснети причините, формите за манифестирање на булингот како социо-девијантна појава, потоа последиците и штетите што можат да настанат, а посебно внимание беше посветено на превенцијата и заштитата на децата од оваа појава. На учениците, исто така, им беа поделени едукативни материјали со информативни содржини поврзани со булингот, а се во насока на подигнување на свеста и безбедносната култура кај учениците.
Покрај ова, денеска Одделението за превенција заедно со Полициската станица од општа надлежност Кисела Вода организираше посета на оваа организациона единица од страна на ученици, третооделенци од основното општинско училиште “11 Октомври“. Притоа децата беа запознати со улогата и секојдневието на полициската работа, на професијата полицаец, а исто така учениците беа информирани и за основните сообраќајни правила и прописи и нивното спроведување од страна на сообраќајните полицајци.