02.10.2016

Министерот Спасовски на Есенскиот состанок на Парламентарното собрание на ОБСЕ

 Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше обраќање на Есенскиот состанок на Парламентарното собрание на ОБСЕ 2016. Во продолжение интегрално го објавуваме обраќањето на министерот Спасовски.

Проблематиката на миграцијата, особено сега во актуелниот глобален политички контекст е незаобиколен фактор кој очигледно мора да биде вкалкулиран во она што значи меѓународна соработка и дејствување. Со оглед на димензиите, но и тенденциите на постоечките миграциски движења, ОБСЕ со право, во рамки на формулираната тема – “Зајакнување на мерките за градење доверба и добро владеењево регионот“ - ја детерминираше и миграцијата како еден од приоритетите во градењето на квалитетна и ефикасна меѓудржавна соработка, но и во градењето и хармонизирањето на  стандарди, вредности и норми кои ќе го подобрат доброто владеење, развојот на демократските институции и човековите права.

Сите ние од европскиот континент, особено во текот на минатата година, бевме сведоци на сериозноста, тежината и заканите што произлегуваат од масивниот, и по обем и по траење, миграциски бран од Блискиот исток. Таа состојба јасно ни стави до знаење дека  ни е нужна меѓусебна соработка, не само во насока на зајакнување на довербата туку и во насока на интензивирање на заеднички координиран пристап во справувањето со миграцијата. 

Република Македонија, како држава која  беше  изложена на најфреквентната рута од тоа миграциско движење, јасно и практично ја декларираше својата решителност за заеднички пристап и решавање на проблемите, особено што предвидувањата не ја исклучуваат можноста од појава на нов и можеби уште помасовен миграциски бран.

Во текот на минатата година низ територијата на Република Македонија транзит оствариле безмалку 700.000 мигранти, од кои повеќето се од најзагрозените блискоисточни подрачја – Сирија и Ирак, но и мигранти од Средниот исток и северна Африка. До средината на февруари годинава оваа бројка нарасна за уште околу осумдесетина илјади мигранти.  

Оваа состојба налагаше динамични промени и решенија особено во нормативната сфера, но и на оперативно рамниште, особено од аспект на институциите кои што беа најдиректно инволвирани во справувањето со проблемот со мигрантите. Тука, се разбира, предничи Министерството за внатрешни работи, кое беше и иницијатор на низата законски измени кои ја третираат областа на миграциите.

Беа донесени измени и дополнувања  во Законот за странци – пред се во делот на забрзување на управните постапки – и измени и дополнувања на Законот за азил, кои беа од суштинско значење за ускладување на домашните норми со оние на земјите од Европската унија. Притоа, со наведените измени во Законот за азил им се овозможи на мигрантите легално да транзитираат низ државата и да искажат намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, како посебен процедурален институт од формалното барање за признавање азил. Министерството за внатрешни работи преку формирањето на Сектор за азил најдиректно се вклучи во операционализација на новите законски решенија.

Целта беше, меѓу другото, во тесна соработка со УНЦХР, со ОБСЕ и други организации да се подобрат условите за медицинска и хуманитарна помош на мигрантите. Потоа подигање на степенот на нивна безбедност (намалување на бројот на кривични дела, сообраќајни и железнички несреќи во кои се жртви мигрантите), како и намалување на криумчарењето мигранти. А, се разбира, и во насока на поефикасно регистрирање на мигрантите кои влегуваат во Република Македонија. Неспорно е дека, согласно анализите, овие цели беа исполнети.

За подобро и покоординирано справување со масовниот прилив на мигранти беа формирани и повеќе меѓу-агенциски тела , кои врз основа на своите законски надлежности ги одредуваа мерките и активностите за управување со миграциската криза, а во рамки на нивното функционирање произлегоа Акцискиот план за справување со илегални мигранти и План за одговор во случај на масовен прилив на мигранти. Истовремено беа отворени два привремени транзитни центри, едниот во Гевгелија, во близина на нашата јужна граница, со капацитет за прифат на 1.500 луѓе, а другиот на север, во Табановце, за прифат на 500 луѓе, кој функционираше како привремен, за помош и поддршка на мигрантите кои продолжуваа кон соседна Србија. Тука мора да се споменат и прифатниот центар за странци во Скопје и оној за баратели на азил во Визбегово.

Напоредно со ова бевме фокусирани и на зајакнување на капацитетите на граничната полиција како прв фактор на соочување и справување со миграцијата, но и на интензивирање на меѓудржавната соработка, соработката со меѓународните институции, како и на имплементирање на низата заеднички усогласени решенија како на регионално ниво така и со земјите од ЕУ.

Благодарение на извонредната поддршка и помош на нашите пријатели од САД, од Меѓународната организација за миграции, од Фронтекс  и други- успеавме значително технички и материјално да го зајакнеме секторот на граничната полиција. Преку интензивната едукација, пак, за која што впрочем најдобро сведочат над 160 обуки само во текот на минатата година, со кои беа опфатени преку 6.000 полициски службеници, ние значително го подигнавме нивото и стандардите на работењето на граничната полиција и другите пропратни служби .

Секако, не може а да не се потенцира фактот дека за успешното справување со тие состојби во огромна мера е заслужна интензивираната соработка и на земјите во регионот, особено оние долж мигрантската рута, како и низата конкретни проекти и регулативи предложени од Европската унија и од низа реномирани меѓународни организации. Полицијата на Република Македонија имаше, и се уште има, конкретна помош од полициските служби од повеќе земји чии што полициски службеници се присутни  на нашата северна и јужна граница. Заедничките гранични контакт- центри со нашите соседи, заедничките и координирани операции со Фронтекс и со Центарот за демократска контрола на оружените сили, како и Фронтексовата Мрежа за анализа на ризикот во западен Балкан се само дел од конкретните заеднички оперативни ангажмани во справувањето со мигрантската криза и заканите од истата.

Притоа, во ниту еден момент не беа заборавени ни оние најранливи категории луѓе меѓу мигрантите, особено децата. Со донесувањето на т.н. Стандардни оперативни процедури беа  уредени збирот на постапки, процедури и начини на постапување на надлежните институции со идентификувано непридружувано дете-странец преку сеопфатен приод заснован врз почитување на човекови права и насочени кон најдобриот интерес на непридружуваното дете-странец. Истовремено, иницирано е изработување на Стандардни оперативни процедури за постапување со други ранливи категории на мигранти, а во соработка со УНХЦР. Притоа особено беше важно да се максимализира превентивниот аспект на активностите, пред се заради можноста тие да бидат жртви на трговијата со луѓе.

За поефикасно справување со големиот прилив на мигранти на територијата на Република Македонија, надлежните институции вршат првично профилирање на лицата бегалци/мигранти на самата гранична линија. Истовремено,  се врши и разговор со лицето со цел да се отфрли можноста дека одредено лице е потенцијална жртва на трговија со луѓе. Во текот на престојот во Прифатните транзитни центри сите лица имаат и постојан контакт со претставниците од УНХЦР, УНДП, ИОМ, како и со невладината “Млади правници“ и други невладини организации. Воспоставена е добра соработка со наведените организации и доколку тие оценат дека постојат индиции на сомнение за трговија со луѓе, истите се обврзани да ги известат полициските службеници, кои понатаму ги известуваат полициските службеници од Секторот за борба против трговија со луѓе во Одделот за борба против организиран криминал. Истата постапка се спроведува и со мигрантите кои што ќе се затекнат на територијата на Република Македонија со илегален влез.

Ова што претходно го изнесов е дел од низата активности во кои што партиципира Министерството за внатрешни работи. Јасно е дека миграцијата како проблем не е ексклузивен предмет на работа на МВР туку справувањето со овој проблем задолжително води кон инволвирање и на многу други институции и органи, како државни така и невладини.

Би сакал на крајот од ова мое излагање да констатирам еден ноторен факт произлезен од праксата: проблемот со миграцијата не може да се гледа изолирано. Високите ѕидови не го решаваат тој проблем. Минатогодишните случувања покажаа дека доколку нема заеднички синхронизиран пристап, како на оперативно, така и на нормативно ниво, тешкотиите и заканите ќе ги споделуваат како државите поединечно, така и несреќните луѓе принудени на мигрирање. Министерството за внатрешни работи дава силна поддршка на сите иницијативи, предлози, проекти кои се во правец како на подобрување на справувањето со миграцијата така и во правец на динамизирање на мултилатералната соработка. Длабоко сум убеден дека во тој контекст ОБСЕ може и треба да има исклучително важна улога.  Впрочем, во изминативе неколку дена од оваа парламентарна сесија токму нејзиниот тематски фокус и изнесените гледишта го потврдуваат таквото значење на организацијата.