Секторот за внатрешни работи Тетово вчера (30 мај) започна со практична имплементација на нов превентивно-едукативен проект „Чекор по чекор“, чиј носител е Отсекот за превенција. Во текот на вчерашниот, прв ден од реализацијата на овој проект беа опфатени 70-тина деца од две детски градинки во Тетово и тетовско Џепчиште. Инаку, со проектот кој се планира да трае до крајот на јуни годинава вкупно се планира да се опфатат над триесет градинки и други детски установи на тетовско-гостиварското подрачје.
Најмладите, децата, стручно обучени полициски службеници на тетовската Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај непосредно ги запознаваат со основните сообраќајни поими, знаци и правила - како најбезбедно да се движат, што претставуваат семафорите и како и каде да ги преминуваат улиците кога се сами без нивните родители или најблиски. Покрај ова, на децата практично им се демонстрира и безбедно преминување на улица, а за што се користат и посебни наменски реквизити и друга адекватна опрема.
Целта на овој превентивно-едукативен проект е подигнување на сообраќајната свест и култура на децата уште од најмали нозе, во функција на нивна поголема безбедност како пешаци-учесници во сообраќајот или како сопатници во возилата. Вакви и слични превентивни активности планирани се во наредните месеци и со основците од тетовските и гостиварските училишта.