26 мај 2023

Превентивни активности на СВР Скопје


Одделението за превенција при СВР Скопје денеска (26.05.) во основното училиште “Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром спроведе едукативно превентивна активност во областа на сообраќајот. Во рамките на планираната едукација на учениците од прво одделение, согласно годишниот план за едукативни работилници и проектот “Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, преку видео презентација и разговор децата беа запознати со основите и значењето на сообраќајната култура, потоа околу основните сообраќајни правила, прописи и знаци, со посебен акцент на оние кои директно влијаат врз безбедноста на децата кои се учесници во сообраќајот како пешаци. Дополнително, во рамки на работилницата, децата беа запознати и со професијата полициски службеник.

Исто така, денеска и полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Ѓорче Петров беа домаќини на ученици од основните училишта “Ѓорче Петров“ и “Страшо Пинџур“, при што учениците беа запознати со примарните задачи и секојдневието на полициската работа како и за улогата и важноста на професијата полицаец.

Вчера (25.05.), полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје, на подрачјето на општина Карпош, поточно на ул. “Никола Тесла“ реализираа едукативна активност согласно сообраќајно-безбедносната кампања – “Паркирај совесно, паркирај одговорно“. Притоа, во рамките на планираната активност, во непосредна комуникација со граѓаните им беше укажувано за важноста и законската обврска за почитување на безбедносната мерка за задолжително користење на сигурносен појас. Воедно, на возачите им беше поделен едукативен материјал во форма на летоци со информативна содржина, изработени со поддршка од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.