Одделението за превенција при СВР Скопје заедно со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Аеродром денеска (17.05.) реализираа две превентивно едукативни работилници на тема „Врсничко насилство“ и тоа во основното училиште „Димитар Македонски“ со ученици од шесто до деветто одделение и во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“со ученици од петто до деветто одделение. Притоа, учениците преку видео презентација, беа запознати со темата, односно со дефинициите на поимот насилство, потоа неговите појавни форми и видови, како и за последиците што тие можат да ги предизвикаат. На работилниците посебен осврт беше посветен за појавата на насилно однесување на учениците во самите училишта и во училишните дворови, и за начините како благовремено тие појави можат и требаат да се превенираат во интерес на заштита на децата.
Исто така, денеска Одделението за превенција при СВР Скопје, во соработка и координација со полициски службеници од Одделението за безбедност на патниот сообраќај, а на барање на приватна Детска установа “Green house“ од Скопје, спроведоа едукативна активност со децата од предучилишна возраст околу безбедноста на децата во сообраќајот, како и за професијата полицаец. Преку интерактивна комуникација и разговор со децата тие беа запознати со основните сообраќајни правила и прописи особено важни за нив за нивната безбедност како пешаци а воедно полициските службеници ја презентираа професијата-полицаец, односно улогата и задачите на полициските службеници.