16 мај 2023

СВР Скопје отпочна превентивна кампања за незаконска сеча на дрва, во скопската населба Аеродром едукативна работилница за врсничко насилство

Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка и координација со полициски службеници од Полициското одделение Петровец, од Шумската полиција и Национални шуми, денеска (16.05.2023) започна со реализација на кампања насловена „Незаконското сечење на дрва е криминал“. Проектот што ќе се спроведува во наредните триесетина дена опфаќа повеќе активности меѓу кои најголем акцент ќе биде ставен на средбите со жителите на педесетината рурални населени места во околината на Скопје.

Денеска беа посетени населените места Катланово и Средно Коњари, каде што со со жителите од овие села се разговараше околу проблематиката на нелегалната сеча на дрва особено во летниот период, кога се зголемени и опасностите од шумски пожари. Воедно, на граѓаните им беа поделени и печатени информативни материјали со едукативна содржина, а со цел подигнување на свеста кај мештаните и зголемување на комуникацијата и соработката со полицијата и другите надлежни органи во сузбивање на овој вид на криминал.

Покрај ова, денеска Одделението за превенција во соработка со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Аеродром реализираа превентивно едукативни работилници на тема „Врсничко насилство“ со ученици од шесто до осмо одделение во ОУ „Гоце Делчев“ во Горно и Долно Лисиче. Учениците преку презентација беа запознати со темата, односно со поимот - насилство, како и причините и видовите на насилство. Фокусот посебно беше ставен на појавата на насилно однесување на учениците во училиштата и во училишните дворови, при што беше потенцирано дека овој вид на насилство е една од највидливите форми на манифестирање на ова девијатно поведение. Исто така, во рамки на работилницата посебно внимание се посвети на благовремено откривање и превенирање на овие појави, како и за улогата на полицијата во заштитата на децата.