Во пресрет на претстојните матурски прослави, Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово деновиве реализираше повеќе активности со кои беа опфатени тетовските и гостиварските средни училишта и сопствениците на угостителски објекти во кои ќе се организираат вакви прослави. На средбите со раководствата на училиштата посебно им беше укажано практично да ги преземат сите потребни организациски и други мерки за безбедно организирање на матурските прослави, со непосредна вклученост во истите и на класните раководители и родителите на матурантите. Во таа насока, нагласено е учениците да не доаѓаат или да се враќаат со нивни или автомобилите на нивните родители.
Од угостителите, пак, е побарано да ангажираат соодветни служби кои ќе се грижат за редот и безбедноста во објектите, на влезовите да контролираат што се внесува внатре и навреме да реагираат при евентуални провокации и можни инциденти. Целта на овие активности е да се превенираат несакани настани и појави и да се овозможи непречено и безбедно прославување во училиштата или угостителските објекти.