Отсекот за превенција при СВР Охрид денеска (08.04.2023) на градскиот плоштад во Кичево, ја спроведе заедничката кампања на МВР и Македонскиот полициски синдикат „МВР за граѓаните - заедница, доверба, одговорност“. Целта на овој превентивен проект е доближување на полицијата до граѓаните за суштината, вредностите и карактеристиките на концептот - полициско работење со заедницата, важноста на градењето партнерство помеѓу полицијата и граѓаните, но и механизмите за контрола врз полицијата што придонесуваат за зголемување на нејзиниот кредибилитет и интегритет. Во рамките на проектот, полициски службеници од отсекот за превенција и ОВР Кичево, на граѓаните им поделија едукативен материјал и низ непосредни разговори ја презентирана улогата на полицијата во заедницата, задолжена за безбедноста на граѓаните и општеството која го гарантира редот, мирот, владеењето на законите.
На присутните им беа презентирани и опремата и средствата кои ги користи полицијата во своето секојдневно работење. Во изминатиов период, кампањата „МВР за граѓаните - заедница, доверба, одговорност“ на територијата на СВР Охрид се реализира во Охрид и Струга, а во наредниот викенд, ќе се спроведе во Дебар.