21 март 2023

Превентивни активности на ОВР Прилеп

Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Прилеп при СВР Битола вчера (20.03.) во Прилеп, во рамки на кампањата “Безбедни училишта“ реализираа едукативна работилница во основните училишта “Рампо Левката“ и “Кочо Рацин“, посветени на темите поврзани со врсничкото насилство.

Притоа, полициските службеници на учениците од овие основни училишта им ги презентираа основните информации поткрепени и со практични полициски искуства околу појавата на врсничкото насилство во и надвор од училиштата, формите под кои се појавува и се манифестира. Особено внимание на работилниците се посвети и на начините за превенирање на оваа социо-девијантна појава која може да има и сериозни законски последици, од аспект на малолетничката деликвенција.

Покрај ова, вчера, едукативна работилница беше одржана и во државното средно училиште “Мирче Ацев“ во Прилеп каде што полициски службеници ги информираа средношколците за компјутерските злоупотреби, сајбер булингот, говорот на омраза и како да се заштитат од ваквите појави.