01 март 2023

Активности за безбедна заедница во Македонски Брод, едукативна работилница за злоупотреби на социјални мрежи во Битола

 Полициски службеници од СВР Битола, односно од Одделението за внатрешни работи Македонски Брод на 28.02.2023, заедно со претставници на локалната самоуправа, во просториите на општина Македонски Брод спроведоа превентивни активности во рамки на превентивниот проект „Безбеден град, безбедна заедница“. На настанот присуствуваа граѓани од месни и урбани средини, како и од селата Сланско, Требино, Крапа, Девич, Слатина, Локвица и Русјаци. Притоа, полициските службеници презентираа искуства и сознанија околу имотните деликти, особено важни за повозрасните категории граѓани, а добар дел од средбата беше посветен на запознавање на граѓаните со начините на препознавање и благовремено известување за таквите случаи, како и за неопходноста од тесна комуникација и соработка со полициските служби. Во насока на подробно информирање на граѓаните, на средбата беа поделени едукативни летоци со најважните информации поврзани со имотните деликти. Инаку, покрај ова, денеска Отсекот за превенција при СВР Битола реализираше превентивна активност, односно едукативна работилница и во Средното музичко училиште во Битола, каде што темите беа посветени злоупотребите на социјалните мрежи, потоа за врсничкото насилство, сајбер булингот, и секако околу начините препознавање и навремено реагирање и превенирање на таквите појави.