22 февруари 2023

Превентивни активности на СВР Скопје

Во рамките на континуираните превентивни активности на Одделението за превенција при СВР Скопје денеска (22.02.) заедно со полициски службеници од полициското одделение Мирковци беа реализирани две едукативни работилници посветени на темата – “Говор на омраза“.
Првата работилница се одржа во основното општинско училиште “Кирил и Методиј“ во село Кучевиште со ученици од седмите, осмите и деветите одделенија каде што на учениците им беа презентирани суштинските информации за говорот од омраза и за последиците пред се од законски апект од оваа крајно штетна социо-девијантна појава. Втората работилница беше реализирана во основното општинско училиште “Александар Урдаревски“ во село Мирковци исто така со ученици од седмо, осмо и девето одделение. И на двете работилници, а во соработка и со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје на учениците учесници на истите им беа поделени печатени едукативни материјали.

Покрај ова, денеска (22.02.) Одделението за превенција при СВР Скопје заедно со полициски службеници од Одделение за сообраќај, а во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на подрачје на општина Центар, односно на улицата “Македонија“, реализираа превентивна активност од областа на сообраќајот.
Притоа, во рамки на кампањата “Биди одговорен, не користи мобилен телефон додека возиш“, во непосредна комуникација со граѓаните, пред сѐ со возачите, полициските службеници им укажуваа на учесниците во сообраќајот за потребата од целосно почитување на сообраќајните правила и прописи, со посебен акцент на забраната за користење на мобилен телефон додека се управува со моторно возило. Воедно, на возачите им беа поделени едукативни летоци со информативна содржина испечатени во соработка со РСБСП.