Вчера (17.02.) полициски службеници од ОВР Свети Николе при СВР Штип, во средното општинско училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе реализираа две едукативни работилници на темите – „Превенција од малолетничка деликвенција“ и „Возач-почетник“. На првата работилница посветена на превенцијата од малолетничка деликвенција, полициските службеници ги едуцираа учениците за појавните облици и форми на малолетничката деликвенција, што се опфаќа тој поим, како и за видовите фактори кои придонесуваат за појава на малолетни лица деликвенти. Исто така, полициските службеници презентирани низа примери од праксата во врска со малолетничката деликвенција, со санкционирањето на истата и институционалниот пат на лицето малолетник, кое е извршител на кривично дело, а се со цел превенирање, заштита и зголемување на свеста кај малолетниците во врска со оваа појава. Во рамки пак на втората работилница посветена на темата „Возач-почетник“ на која што учествуваа ученици од четврта година од средното училиште, тие беа запознаени со основните сообраќајни правила и прописи особено важни за младите возачи, пред се оние ученици коишто законски ги имаат стекнато основите за да бидат учесници во сообраќајот како возачи од Б категорија. Исто така, полициските службеници преку низа практични примери ги објаснуваа фазите (теоретска и практична) за стекнување возачка дозвола, прописите кои важат и се однесуваат на возачите почетници, како и законската регулатива во врска со Законот за сообраќај. Од страна на полициските службеници беше потенцирана и улогата на сообраќајната полиција во превенирање на сообраќајните деликти, а се со цел заштита и превенција од истите и придонесување за побезбедни патишта.