Одделението за превенција при СВР Скопје и денеска (15.02.2023) во рамки годишниот план на активности во соработка со полициски службеници од подрачни организациони единици при СВР Скопје реализираше шест едукативни работилници на тема „Говор на омраза“, а воедно во ТЦ Рамстор на подрачјето на ПСОН Центар се реализираше превентивна активност на тема „Превенција од имотни деликти“.
Инаку по однос на темата „Говор на омраза“ полициските службеници од Одделението за превенција, заедно со полициски службеници од Полициските станици од општа надлежност Аеродром и Драчево, како и од Полициските одделенија Сарај и Петровец во средните училишта „Марија Кири Склодовска“, „Браќа Миладиновци“, „Сарај“ и „Илинден“ со учениците од овие училишта одржаа шест едукативни работилници. Притоа, преку соодветно подготвена видео презентација на учениците од прва и втора година беа запознати со основните факти за облиците, манифестирањето и препознавањето на говорот од омраза. Истовремено, учениците беа подетално информирани за потребата од соработка како со релевентните фактори во училиштето, така и со полицијата, а во тој контекст беше презентирана функцијата на електронската апликација RED BUTTON – Црвено копче, алатка изработена од страна на Министерството за внатрешни работи поставена на веб сајтот на министерството како можност за благовремено реагирање по однос на ова девијантно поведение. Исто така, во рамки на работилниците на учениците им беа поделени едукативни материјали изработени во соработка со Мисија на ОБСЕ во нашата земја .