10 февруари 2023

СВР Скопје со превентивни активности за родово базирано насилство и за совесно и одговорно паркирање

Денеска (10.02.2023) полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје пред Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ на истоимениот булевар, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата реализираа превентивна активност под мотото „Паркирај совесно - паркирај одговорно“.
Притоа, на возачите им беа поделени едукативни летоци, а во насока на поттикнување на свесноста на учесниците во сообраќајот за точно спроведување на сообраќајните правила и прописи особено во поглед на паркирањето кое во многу ја загрозува безбедноста на пешаците во сообраќајот.
Инаку, Одделението за превенција при СВР Скопје во рамките на своите секојдневни превентивни активности и вчера (09.02.2023) во просториите на урбаната заедница „Црниче“ на подрачјето на Полициската станица Кисела Вода, во соработка со општината Кисела Вода и НВО „Крик“, одржа трибина на тема „Превенција од родово базирано насилство“ .
На трибината учествуваа советнички од општината Кисела Вода, претставници од работните групи од секторите при општината кои ја третираат оваа проблематика, потоа претставници од НВО „Крик“, како и полициски службеници од СВР Скопје. Цел на трибината беше подигнување на свесноста и преземање на координирани и континуирани мерки и активности насочени кон превенција и заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство, почитување на основните човекови слободи и права, животот и личниот интегритет, како и кон недискриминација и родовата еднаквост, со особено внимание за интересите и потребите на жртвите.