24 јануари 2023

Превентивни активности на СВР Куманово и РСБСП за побезбеден сообраќај

Вчера (23.01.) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово, во централното подрачје на Куманово реализираа превентивна активност со граѓаните, а во насока на нивно информирање за обврската за задолжително носење на зимска опрема во возилата, како и за забраната за користење на мобилен телефон додека се управува со моторно возило.

Во непосредна комуникација со возачите, им беше укажано за неопходноста од почитување на законската обврска за носење на зимска опрема која е задолжителна и се однесува на секое возило кое учествува во сообраќајот во зимскиот период. При тоа, особено беа истакнати условите односно начините, за употребата на зимски гуми и ланци. Исто така, на возачите, а во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, им беа поделени и едукативни печатени материјали, а се со цел подигање на свеста и одговорно учество во сообраќајот во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.