Вчера (28.12.) полициски службеници за превенција при ОВР Свети Николе во соработка со стручната служба при основното општинско училиште “Kирил и Методиј“ во Свети Николе спроведоа едукативна активност на тема –“Не користи пиротехнички средства“.
Преку наменски подготвена видео презентација полициските службеници ги запознаа учениците со опасностите и последиците од незаконската употреба на петардите и другите пиротехнички средства. Исто така, децата беа информирани и за казнените одредби со кои се предвидува санкционирање на лицата кои употребуваат петарди и други пиротехнички средства, а беа поделени и едукативни печатени материјали изработени во соработка со УНДП.
Исто така, полициски службеници за превенција при ОВР Свети Николе реализираа превентивна активност, од областа на безбедноста во сообраќајот во средното општинско училиште “Кочо Рацин“ во Свети Николе а на тема “Возач почетник“.
На работилницата учествуваа ученици од четврта година кои законски ги имаат стекнато основите за да бидат учесници во сообраќајот како возачи од Б категорија. Од страна на полициските службеници преку низа практични примери беа објаснети фазите (теоретска и практична) за стекнување возачка дозвола, прописите кои важат и се однесуваат на возачите почетници како и законската регулатива во врска со Законот за сообраќај. Од страна на полициските службеници беше потенцирана и улогата на сообраќајната полиција во превенирање на сообраќајните деликти а се со цел заштита и превенција од истите и придонесување за побезбедни патишта.