Полициски службеници од Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Струмица во основното училиште “Даме Груев“ во село Куклиш, струмичко, одржаа едукативна работилница со учениците, посветена на превенцијата од насилство, пред се врсничкото насилство, но и на другите форми на насилство каде што децата се жртви. Притоа, полициските службеници се осврнаа на насилно однесување на учениците во самите училишта и во училишните дворови, а стана збор и за штетните последици кои може да ги предизвика незаконската употреба на пиротехнички средства.
Исто така, во рамки на превентивните активности на Секторот за внатрешни работи Струмица, во Домот на култура „25-ти Мај“ во Валандово полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Валандово одржаа работна средба со претставници од Секторот за образование при општина Валандово, со директорите на основните и средното општинско училиште, како и со претставници на советите на родители и училишни совети, а во врска со едукативната кампања на МВР за безбедни училишта.