Секторот за внатрешни работи Тетово денеска (05.12) во Тетово, започна со реализација на проект за безбедност на учесниците во сообраќајот во зимски услови во тетовското и гостиварското подрачје. Проектот е од едукативно-информативен карактер и е организиран од Одделот за превенција при СВР-Тетово, а во координација со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, при што за таа цел се изработени летоци со наменска содржина под мотото “Биди одговорен возач, користи зимска опрема“, а ќе им бидат делени на возачите.
Целта на овој превентивен едукативно-информативен проект е подигнување на свеста кај граѓаните, возачите како учесници во сообраќајот, подобрување на севкупната и лична безбедност во сообраќајот во зимски услови, намалување на сообраќајните незгоди и прекршочни санкции преку почитување на сообраќајните правила и прописи. И особено водење грижа за исправноста и подготвеноста на возилата за учество во сообраќај во зимски услови.