01 декември 2022

Превентивна активност на СВР Битола за безбедност на учениците

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола вчера (30.11.) реализираа едукативна работилница во основното училиште “Даме Груев“ во Битола, а во рамки на превентивниот проект “Безбедност во училиштата“.

Говорејќи за основната тема на овој проект – превенција од насилството меѓу учениците – полициските службеници на учениците им презентираа искуства и практики како да се превенираат различните форми на насилство каде што учесници или жртви се децата, почнувајќи од врсничкото насилство, семејното насилство, насилството на социјални мрежи и на спортски натпревари.

Посебен осврт на работилницата беше посветен за појавата на насилно однесување на учениците во самите училишта и во училишните дворови.