30 ноември 2022

Едукативни работилници на СВР Скопје во училишта во Шуто Оризари и Бојане

Одделението за превенција при СВР Скопје и полициски службеници од Полициските одделенија Сарај и Шуто Оризари, вчера (29.11.) реализираа две едукативни работилници во основните училишта “Ибе Паликуќа“ (село Бојане) и “Браќа Рамиз и Хамид“ (Шуто Оризари), а во рамки на превентивниот проект „Безбедност во училиштата“ .

Говорејќи за основната тема на овој проект – превенција од насилството меѓу учениците – полициските службеници на учениците им презентираа искуства и практики како да се превенираат различните форми на насилство каде што учесници или жртви се децата, почнувајќи од врсничкото насилство, семејното насилство, насилството на социјални мрежи и на спортски натпревари.

Посебно акцент беше ставен за појавата на насилно однесување на учениците во самите училишта и во училишните дворови. Исто така, на работилниците беше истакната важноста на формираните училишни Клубови за превенција како механизам преку кој и децата можат да влијаат во превенцијата од овие појави.