12 ноември 2022

"Спречување на насилство врз жените во Република Северна Македонија"- превентивна активност на СВР Велес

Полициски службеници од Отсекот за превенција и од Крим полицијата при СВР Велес заедно со началникот на овој сектор за внатрешни работи денеска учествуваа на дебата што во организација на асоцијацијата на жените од општините Велес, Чашка и Градско, а во рамките на проектот "Спречување на насилство врз жените во Република Северна Македонија " финансиран од Шведската фондација "Kvinna till kvina", се имплементира од страна на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

На дебатата беше потенцирано дека проблемот е мултидисциплинарен и дека треба сите надлежни институции кои го третираат семејното насилство да посветат повеќе внимание и тоа не само на причините, туку и на последиците од семејното насилство. Воедно, од страна на полициските службеници беше потенцирано дека со години наназад функционира и се надоградува соодветен систем за работа и за полициско постапување поврзано со случаите на семејно насилство и кривичните дела произлезени при семејно насилство. Во тој смисол, полицијата постапува при секоја пријава (лично од жртвата, од сведок или трето лице, анонимна, од друга институција или врз основа на непосредно полициско забележување), а согласно посебните процедури во таквите околности, при што се води сметка секогаш во случаите да бидат оперативно инволвирани и полициски службенички.