Денес (16.07.) на брегот на Преспанското езеро, започна ,,Летниот хепенинг 2016“ што се реализира во рамките на проектот ,,Безбедно на нашите плажи“ во организација на полициската станица од Ресен при Секторот за внатрешни работи од Битола, општина Ресен како и голем број заеднички партнери и поддржувачи на активностите .
Имено целта на овој проект е да се подигне свеста на посетителите на туристичките места за самозаштита од кражби, да се делува превентивно, како би се намалил бројот на кражби на предмети, мобилни телефони, паричници, фотоапарати и други предмети на плажите, како и провални кражби од возила, камп-приколки и бунгалови во туристичките населби во Преспанскиот регион на Општина Ресен, како и зајакнување на довербата помеѓу полицијата и заедницата.
Освен наведената манифестација, во рамките проектот “Безбедно на нашите плажи“, предвидени се и посети на сите останати излетнички места-плажи во преспанскиот регион каде ќе се реализираат средби со правните субјекти, средби со граѓаните на кои ќе им бидат поделени флаери и промотивен материјал за подобро и посликовито да се запознаат граѓаните-посетителите со превентивните активности на полициската станица од општа надлежност од Ресен, но во исто време и со превентивните активности на Отсекот за превенција од СВР Битола.
Фактот што овој проект токму пред четири години започна како благородна манифестација, денес го добива својот традиционален белег. Не само заради тоа што прекрасниот природен амбиент надополнет со прекрасното Преспанското езеро апсолутно го заслужуваат тоа, туку и заради посветеноста на сите оние коишто учествуваа во реализација на оваа идеа.
Министерот Чавков во свое и во име на Министерството за внатрешни работи упати честитки до организаторите вклучени во овој проект им посака успех во реализацијата на плановите, на посетителите мирно и безбедно лето на нашите плажи, а на сите присутни – да уживаат во убавините на природата.