10 ноември 2022

Едукативни работилници на СВР Скопје во Гази Баба и Бојане

Продолжувајќи со активности во рамки на превентивниот проект “Безбедност во училиштата“, вчера полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје заедно со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Гази Баба и од Полициското одделение Сарај реализираа едукативни работилници во основните училишта “Григор Прличев“ (Гази Баба) и “Ибе Паликуќа“ (село Бојане).

Во рамки на работилниците овој пат темата беше фокусирана на превенцијата од насилство, при што учениците беа запознаени со различните манифестации на овој вид девијантно однесување – врсничко насилство, психичко насилство, физичко насилство, насилство на спортски натпревари и на социјални мрежи и друго.

Посебен акцент беше ставен на појавата на насилно однесување на учениците во самите училишта и во училишните дворови и дека овој вид на насилство е една од највидливите форми на манифестирање на агресивност преку физичките напади, тепачки, навреди и омаловажување меѓу врсниците , соучениците, меѓу помалите и постарите ученици како и лица дојдени од надвор во училиштата. Притоа беа презентирани низа можности како да се превенира и спречи таа појава.