04 ноември 2022

Превентивни активности на СВР Скопје

Согласно програмите за превентивни активности од кампањите за сообраќајна безбедност на децата и проектот “Безбедност во училиштата“, Одделението за превенција при СВР Скопје заедно со полициски службеници од Полициските станици од општа надлежност Бит Пазар и Полициското одделение Сарај денеска (04.11.) во основните училишта “Лирија“ (во општина Чаир) и “Препарими“ (во село Крушопек) реализираа превентивни активности со учениците од овие училишта.

Во основното училиште “Лирија“ со учениците од вторите одделенија, а во соработка и со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата беа одржани три едукативни работилници на тема “Да ги заштитиме децата во сообракајот“, при што фокусот на активностите беше насочен кон запознавање на децата со сообраќајните правила и прописи важни за пешаците како учесници во сообраќајот и околу нивното почитување како услов за безбедност и сигурност на децата. Во основното училиште “Препарими“ пак едукативната работилница беше тематски посветена на човековите права, пред се со осврт кон правата на децата и нивното ангажирање преку веќе формираниот училишен Клуб за превенција за активно учество во превенцијата од разните видови криминали и други девијантни појави.