01 ноември 2022

Превентивна активност на ОВР Ресен за безбедност на децата во сообраќајот

Денеска, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Ресен при СВР Битола одржаа едукативни работилници во две ресенски основни училишта “Славејко Арсов“ и “Мите Богоевски“.

Притоа, на првачињата од двете училишта преку едукативна презентација им беа посочени основните сообраќајни правила и прописи особено важни за децата – пешаци како учесници во сообраќајот. Првачињата беа запознати со улогата и функцијата на семафорот, на пешачкиот премин, како и на сообраќајниот полицаец кој го контролира сообраќајот. Покрај ова на децата им беше укажано за важноста од почитување на сообраќајните прописи заради нивна безбедност и сигурност, како и за правилното движење по тротоарите.