Вчера (26.10.) во Домот на пензионери во Штип, Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Штип во соработка со Здружението на пензионери од Штип, реализираше едукативна превентивна трибина чија што цел беше превентивно и едукативно делување во насока на намалување на бројот на кривични дела од областа на имотните деликти, односно заштита на својот личен имот од кражби во куќи, станови и сл., како и заштита од измами и џепни кражби.
Притоа, особено внимание беше посветено на начините како да се спречи извршување на овие облици на кривични дела, а дополнително и како граѓаните да се заштитат од злоупотреба на личните податоци, бидејќи во добар дел од имотните деликти и особено во измамите криминалците ги таргетираат токму постарите лица, пред се пензионерите.
Во непосредните разговори од страна на полициските службеници на граѓаните им беа презентирани низа начини за препознавање на обидите за измами, за неопходноста од зголемена внимателност и самозаштита од овие видови на имотни деликти, како и начините со кој можат конкретно да се спречат во тесна соработка со полицијата.