Во рамките на превентивниот проект “Безбедни училишта“, Отсекот за превенција при СВР Скопје денеска (21.10.) во соработка со полициски службенци од полициските станици Центар, Гази Баба и Карпош реализираа три едукативни работилници во три основни училишта на подрачјата на овие скопски општини.
Притоа, со денешните активности беа опфатени учениците од седмите и осмите одделение во основните училишта “Кочо Рацин“(Центар), “Стив Наумов“ (Гази Баба) и “Дими Хаџи Димов“ (Карпош), а на теми поврзани со сите оние девијатни и криминогени појави кои што потенцијално ја загрозуваат безбедноста на децата.
Така, полициските службеници говореа за насилството, со сите негови форми на манифестирање меѓу децата – во и надвор од училиштата, во семејството, на спортските натпревари, потоа за проблемите и опасностите од зависностите од дроги, алкохол, за прочитувањето и примената на сообраќајните правила и прописи, како и околу злоупотребата на пиротехничките средства.
Во рамки на работилниците особено беше нагласена улогата на новоформираните училишни Клубови за превенција кои што на децата ќе им дадат можност активно во соработка со училиштата и со полицијата да бидат чинители во превенцијата и нивната заштита од овие појави.