По повод 18-ти Октомври, Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, денеска полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола, заедно со полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ, а во соработка со Црвениот крст при општина Демир Хисар , организираа и реализираа едукативна работилница со средношколците од средното училиште "Крсте Петков Мисирков" од Демир Хисар на тема – “Трговија со луѓе“.
Притоа на работилницата, полициските службеници и учениците, преку низа практични полициски примери и искуства разговараа за оваа проблематика, пренесувајќи ги до учениците сите основни елементи на феноменот – трговија со луѓе, од повеќе аспекти – кривично-правни, социјални, економски и слично. Преку стручно избрани видео материјали учениците беа информирани и за различните облици и мотиви на трговијата со луѓе, за жртвите и нивниот третман, со посебен осврт околу начините и модусите за регрутација и злоупотреба на најмладата популација - децата во синџирите на трговија со луѓе.