29 септември 2022

Започна со реализација на превентивниот проект „Безбедност во училиштата“ за учебната 2022/2023

Во рамките на континуираните превентивни активности на Одделението за превенција при СВР Скопје, како дел од годишната програма, денеска (29.08.2022) со одржувањето на првата едукативна работилница во ООУ „Васил Главинов“ во општина Чаир, започна со реализација на превентивниот проект „Безбедност во училиштата“ за учебната 2022/2023 година.
Покрај едукативните содржини во текот на работилницата, а посветени на превенција од насилство меѓу учениците, градење доверба меѓу учениците и полицијата, беше формиран и Клуб за превенција во ова училиште, во чии што состав ќе бидат ученици од седмо и осмо одделение од училиштето.
Основна цел на проектот е подобрување на севкупната и личната безбедност на учениците во образовно – воспитните установи, намалување на сите облици на насилство помеѓу учениците и детектирање на поединци и групи од училиштата како евентуални прекршители на законите.
Инаку, активностите во рамки на проектот ќе се реализираат во форма на едукативни работилници, два пати во месецот, во договор со скопските училишта и општините.
Притоа, на овие работилници, чие времетраење ќе биде еден училишен час, ќе бидат третирани низа теми поврзани со децата и полициското работење како што се: насилство (поим, видови на насилство и последици), насилство на спортски натпревари, насилство преку општествени (социјални) мрежи, потоа злоупотреба на пиротехнички средства, семејно насилство, трговија со луѓе, зависности (алкохол, дрога, коцкање и интернет), безбедност во сообраќајот, матурски и полуматурски прослави, местото и улогата на полицијата во демократско општество и др.. Освен формирањето на клубови за превенција ќе бидат организирани и посети на Полициските станици од општа надлежност.