Денеска (15.09.2022) делегација од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, предводена од помошникот на министерот, Игор Арсовски и делегација од Генералниот секретаријат на безбедносните сили на Република Чешка предводена од директорот Расим Драган, ги посетија полициските службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор "Богородица". При посетата, делегацијата од Република Чешка беше запознаена со положбата и организациската структура на Регионалниот центар - Југ, како и со работата на Полициската станица "Богородица". Презентирани беа резултатите од успешно спроведените активности во справувањето со криумчарењето на мигранти и прекуграничен криминал во периодот од изминатите три години, како и активности при постапување по други кривични дела и соработката што успешно се одвива со Царинската управа.
Во текот на посетата, делегацијата од Генералниот инспекторат на безбедносните сили го посетија чешкиот контингент на полициски службеници кои укажуваат помош на македонските полициски службеници со цел зајакнат граничен надзор на границата со Република Грција.
Со оваа посета делегацијата од Генералниот инспекторат на безбедносните сили на Република Чешка ја завршува официјалната посета на Република Северна Македонија која беше оценета како многу успешна, а одличната соработка продолжува и во иднина.