30 август 2022

„Слави со срце, не со оружје“- превентивни активности на СВР Скопје во Бутел и Визбегово


Во рамките на оперативниот план на Министерството за внатрешни работи – “Безбедно лето 2022“, вчера (29.08.) полициски службеници од Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи Скопје продолжија со реализација на активностите од превентивната кампања на МВР и УНДП насловена како “Слави со срце, не со оружје“. Овој пат активностите беа реализирани на подрачјето на општината Бутел и селото Визбегово.

Притоа, на повеќе фрекфентни локации полициските службеници разговараа со граѓаните и им укажуваа за ризиците од употребата на оружјето при прослави и веселби, воедно информирајќи ги за законските одредби што прекршочно, но и кривично го санкционираат таквото поведение. Истовремено, во непосредната комуникација особено внимание беше посветено за опасностите од употребата на оружјето, пред се по здравјето и животот.

Во насока на дополнително едукативно –информативно запознавање полициските службеници на граѓаните им делеа информативни печатени материјали, а се со цел подигање на нивото на совесност и одговорно однесување на граѓаните при прослави и веселби, без употреба на оружје или други пиротехнички материјали, и елиминирање на ваквите појави кои честопати знаат да имаат и тоа како штетни и опасни последици по граѓаните.