26 август 2022

„Слави со срце, не со оружје“- превентивни активности во Батинци и Студеничани


Полициски службеници од Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи Скопје, вчера (25.08.) во Батинци и Студеничани, скопско, ги реализираа превентивните активности во рамки на кампањата што МВР и УНДП ја спроведуваат изминатиов период на цела територија на државата под мотото “Слави со срце, не со оружје“.

Овие активности, што инаку се составен дел на оперативниот проект на МВР – “Безбедно лето 2022“, во Батинци и Студеничани се реализираа на повеќе фрекфентни локации во овие населени места, каде што во непосреден контакт и разговор со граѓаните тие беа информирани за потребата од стриктно почитување на законите, да не се употребува оружје при прослави и веселби, како и околу опасните последици што таквиот начин на прославување ги носи по здравјето и животот на граѓаните.

Притоа полициските службеници ги информираа граѓаните со прекршочните но и кривични санкции што произлегуваат од незаконската употреба на оружјето или пиротехничките средства при прослави и веселби, а воедно во насока на подетално запознавање и едукација околу оваа проблематика беа делени печатени информативни материјали.

Целта на превентивните активности “Слави со срце, не со оружје“ е насочена кон генерално подигање на свеста и информираноста на граѓаните за штетноста и казнивоста на употребата на оружјето при прослави и веселби, и анулирање на таквите појави.