25 август 2022

„Слави со срце, не со оружје“- превентивни активности во Делчево и Свети Николе


Денеска (25.08.) на подрачјето на СВР Штип припадници на полициските служби за превенција, како дел од оперативниот план на Министерството за внатрешни работи – “Безбедно лето 2022“, ги реализираа превентивните активности во рамки на кампањата на МВР и УНДП - “Слави со срце не со оружје“, што се спроведува на територијата на целата држава.

Така, денеска на подрачјата на Полициските станици од општа надлежност Свети Николе и Делчево, односно на повеќе локации во градовите Свети Николе и Делчево полициски службеници на граѓаните им делеа информативно-едукативен материјал и во непосредните средби и разговори ги запознаваа граѓаните со сите опасностите и последици што со себе ги носи користењето на оружјето за време на прослави и веселби, како и со законските последици што се нормирани како санкции во Законите за оружје, за заштита на јавнот ред и мир, но и во Кривичниот закон на РСМ.

Притоа основна цел е афирмација на совесното и одговорно однесување на граѓаните следствено мотото на кампањата – “Слави со срце, не со оружје“, без употреба на оружје или други пиротехнички материјали, заради подигање на степенот на безбедност на граѓаните и нивно почитување на законските прописи затоа што употребата на оружје може да има тешки последици, односно директна закана по здравјето и животот на граѓаните.