Во склоп на заедничката превентивна кампања на МВР и УНДП „Слави со срце, не со оружје“, а како дел од оперативниот план на МВР „Безбедно лето 2022“, полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Струмица денеска (24.08.2022) реализираа превентивна активност со граѓани на повеќе локации во Валандово. Полициските службеници во непосредна комуникација ги запознаваа граѓаните околу опасностите, но и законските последици од употребата на оружјето при прослави и веселби, фокусирајќи се на подигање на свесноста и информирањето на граѓаните за штетноста од употреба на огнено оружје. Во разговорите со граѓаните полициските службеници посебно внимание посветија на законските прописи и казнените одредби за употребата на оружјето при прослави и веселби, при што беше посебно истакнато дека покрај санкциите во Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, каде глобата за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра (согласно член 31), зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело – “предизвикување општа опасност“, а за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (согласно член 288 од Кривичниот законик на РСМ). Дополнително, во рамки на превентивната активност на граѓаните им беше делен и едукативен печатен материја, односно информативни летоци со порака дека на оружјето не му е место на прославите и веселбите. Ваквите активности на полициските службеници од одделениејата за превенција ќе продолжат и во наредниот период.