08 август 2022

Спроведена „Соседска патрола“ на подрачјето на ОВР Кичево

ОВР Кичево изминатиот викенд ја спроведе превентивната кампања „Соседска патрола“. Мешаните патроли составени од полициски службеници од Одделението за превенција, криминалистичката полиција, претставници од Советот на родители, од Секторот за образование при локалната самоуправа, како и од Центарот за социјални работи, во периодот од 22.00 до 02.00 часот извршија обиколка низ угостителски објекти и места на отворено каде во ноќните часови младите најчесто се собираат. Целта на кампањата е родителите да видат какви се условите на местата каде што излегуваат младите, кои угостителски и други јавни места ги посетуваат, кои се можните ризици со кои се соочуваат и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања. На одговорните лица во угостителските објекти им беше нагласено строго да се придржуваат на работното време и на забраната за престој на малолетници по 24 часот.


Целта на проектот е преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата и граѓаните, да се придонесе кон зголемување на степенот на безбедноста, да се намалат можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, да се подигне нивната општествена свест и совест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места, како и целосно да се почитуваат законските одредби, пред сѐ од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.