Синоќа (28.07.2022), СВР Скопје - Одделение за превенција ги започна превентивните активности „Соседска патрола“ во рамките на оперативен план „Безбедно лето 2022“ .
На подрачје на Полициската станица Аеродром, мешани патроли од полициски службеници и командир од полициската станица, инспектор од Одделение за превенција, родители, претставници од Советот на родители во неколку основни училишта од општина Аеродром, претставници од Секторот образование при локалната самоуправа и градоначалникот на Општина Аеродром, извршија обиколка на места на отворен простор, паркови, училишни дворови, каде во ноќните часови најчесто се собираат и задржуваат младите, како и неколку угостителски објекти.
Целта на кампањата е родителите да видат каде и како младите се забавуваат во ноќните часови, кои места најчесто ги посетуваат, кои се можните ризици со кои се соочуваат и како полициските службеници практично ги применуваат своите овластувања. Целта на активноста е преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата граѓаните и локалната самоуправа, да се придонесе кон зголемување на степенот на безбедноста, да се намалат можните нарушувања на местата каде што се забавуваат младите, да се подигне општествената свест и совест за одговорно однесување на јавни места и угостителски објекти, како и доследно да се почитуваат законските одредби, пред сѐ од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Исто така, беа поделени и летоци со едукативна содржина за превенција од насилство.
Превентивните активности продолжуваат и на подрачјата на останатите полициски станици при СВР Скопје.