15 јули 2022

„Паркирај прописно- овозможи нормален сообраќај“- превентивна акција на СВР Тетово

Денеска (15.07.2022) во Тетово започна практичната имплементација на нов превентивно-едукативен и информативен проект „Паркирај прописно-овозможи нормален сообраќај“, чии носители се Секторот за внатрешни работи Тетово и тетовската и гостиварската локална самоуправа, во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. Во рамките на овој заеднички проект, инициран и организиран од Отсекот за превенција на СВР Тетово, предвидени се повеќе содржини кои треба да придонесат за поголем ред и безбедност во паркирањето во двата полошки градови и пред се во нивните централни подрачја, а преку подигнување на нивото на сообраќајната свест и култура на сопствениците на моторни возила, односно возачите.

Во текот на овој и наредниот месец, ќе бидат поделени летоци изработени на македонски и албански јазик, а ќе се организираат и таканаречени сообраќајни поуки за возачите-прекршители. Напоредно со тоа, ќе продолжат и секојдневните контроли за откривање и санкционирање на погрешно, односно непрописно паркираните возила и посебно во таканаречени „двојни редови“, во зони на крстосници, зеленило и така натаму. СВР Тетово уште еднаш со апел до возачите да внимаваат каде ги оставаат возилата, затоа што прекршоците ќе бидат санкционирани.