На 06.07.2022 во Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром беше одржана трибина на тема „Заедно за побезбедно лето“ на која учествуваа полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје, полициски службеници од Полициската станица Аеродром, директори на основни училишта и градинки, претставници на општина Аеродром – Сектор за образование и родители - членови на училишни одбори.
На трибината беше разговарано за подобрување на општата безбедност и спречување на оддавање на пијанство на јавно место и во училишните дворови, оштетување на урбана опрема во училиштата и градинките, точење на алкохол на малолетни лица во угостителски објекти и насилство на подрачје на општината.
На трибината беше предложено формирање на мешани патроли со претставници од Совет на родители, стручни служби од училиштата, претставник од училишната заедница и полициски службеници од Полициската станица Аеродром и Одделението за превенција, кои ќе имаат задача да прават обиколка на образовните институции во вечерните часови, контрола во угостителските објекти и сите места каде што се собираат малолетниците.
Основни цели на овие превентивни активности се подигање на свеста на граѓаните, зајакнување на довербата и соработката меѓу полицијата и граѓаните и градење партнерство.
Вакви средби и превентивни активности ќе бидат организирани и во други општини во Скопје.