04 мај 2022

Превентивно-едукативен проект „Не седнувај зад волан без положен возачки испит и безбедно управувај со мотоцикл“


Секторот за внатрешни работи Тетово од вчера (3 мај) започна со практична реализација на нов превентивно-едукативен проект „Не седнувај зад волан без положен возачки испит и безбедно управувај со мотоцикл“, чие мото е „Заштити се себе си и другите“.

Со проектот, чиј иницијатор и носител е Отсекот за превенција, ќе бидат опфатени околу 2500 ученици од втора година од тетовските и гостиварските средни училишта.
Стручно обучени полициски службеници на учениците ќе им ја образложат потребата од задолжително посетување обука за возачи и полагање на предвидениот испит за стекнување со возачка дозвола. Покрај ова, исто така, учениците ќе ги запознаат и со законските импликации доколку управуваат возила без положен испит и валидна дозвола. И тоа не само тие, туку и оние кои им ги дале возилата да ги управуваат, иако знаеле дека немаат дозвола.

На предавањата учениците ќе бидат информирани и за тоа како најбезбедно да управуваат мотоцикл и што се треба да поседуваат и носат од заштитна опрема. Целта на проектот е да се подигне соообраќајната свест и култура на оваа категорија средношколци, дотолку повеќе што и тие се во значителен број присутни на патиштата и улиците во Полог.