09 декември 2021

Одбележан денот на превенција во Струмица

СВР Струмица преку Отсекот за превенција и Полициската станица за Безбедност на патниот сообраќај, во партнерство со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и мисијата на ОБСЕ - Оддел за развој на полицијата го одбележа 9 Декември - Денот на полициската превенција.
Притоа беше реализирано едукативно предавање за првачињата во рамките на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот" во ООУ „Сандо Масев" во Струмица. Исто така, беше реализирано едукативно предавање за учениците од 8 и 9 одделение од истото училиште на тема „Последици од употреба на петарди и други пиротехнички средства", со апел до нив „Да ги прославиме празниците на поинаков начин, не фрлај петарди".
Паралелно со овие предавања, во непосредна близина на училиштето и централното градско подрачје, полициски патроли со ученици од Училишните сообраќајни единици (УСЕ) во присуство на наставникот, реализираа превентивна активност наменета за возачите со делење летоци „Паркирај совесно, паркирај одговорно'", „Управувај безбедно со врзан појас" и „Биди подготвен за безбедно патување во зима", со апел до учесниците во сообраќајот „Возете внимателно на влажните и замрзнати коловози! Прилагодете ја брзината на условите на патот! Носете зимска опрема!“.
Дел од активностите по повод Денот на превенцијата беше и давањето на користење на две ротациони светла на ЈП „Паркиралишта" од Струмица, обезбедени од РСБСП и три прирачници за возач почетник и за авто-инструктор на авто-школата „Сигнал М" од Струмица, доставени исто така од РСБСП.
На партнерите кои дадоа поддршка во реализацијата на активностите им беа поделени пригодни поклони обезбедени од Мисијата на ОБСЕ - Оддел за развој на полицијата.