05 ноември 2021

„Поголема безбедност на децата во сообраќајот од домот до училиштето“ – Проект на Отсекот за превенција при СВР Тетово

Секторот за внатрешни работи Тетово денеска (5 ноември) започна со практична реализација на нов едукативно-информативен проект „Поголема безбедност на децата во сообраќајот од домот до училиштето“, чии носители се Отсекот за превенција, а со кој ќе бидат опфатени учениците во прво одделение во сите училишта на тетовско-гостиварското подрачје.
Првото од серијата предавања во училиштата што ги одржуваат стручно обучени полициски службеници беше организирано во училиштето во тетовско Вешала.Првооделенците од ова и другите училишта поблиску ќе се запознаат со најосновните правила и прописи за нивна поголема безбедност во сообраќајот, но и со сообраќајните опасности и ризици на патот до училиштата и назад кон домовите.Покрај тоа, во рамките на проектот кој ќе се одвива до крајот на годинава, предвидено е и практична демонстрација на тоа-како безбедно да се движат, да ги преминуваат улиците и за што служи сообраќајната сигнализација, а за што ќе биде ангажирана и посебна приколка со сета неопходна опрема за таа намена.
Целта на проектот е најмладите основци од најрана возраст да изградат сообраќајни навики и култура, во функција на нивната севкупна безбедност на патот до училиштата и воопшто.