04 август 2021

Превентивни активности на подрачје на Кисела Вода

Интензивирани се активностите во рамки на проектите „Топлотен бран - Заштита и превенција на здравјето на граѓаните од високи температури во летниот период" и „Лето без пожари”, во кои партнери се општина Кисела Вода, Црвениот Крст на општина Кисела Вода, како и Одделението за превенција при СВР Скопје и полициските станици од општа надлежност.

Во текот на денешниот ден, во кој повторно живата во термометарот е блиску до 40-тиот степен, претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Дарио Шимиќ, заедно со волонтерите на Црвениот Крст- Кисела Вода, службените лица од Одделението за превенција при СВР Скопје и претставниците од месните заедници во општината, посетија дел од најфреквентните локации во општина Кисела Вода, повеќе паркови и пазари каде на граѓаните им беше делена вода, како и летоци и превентивни совети за ризиците од појава на пожари и штетите од истите. Активностите во овие кампањи придонесуваат да се подигне свеста кај граѓаните за заштита и превенција од пожари, да се подигне довербата во институциите, но и да се обрне повеќе внимание на сопственото здравје и почитувањето на советите на лекарите. Имено, од средината на јули, паралелно со делењето на летоци и вода за освежување, специјално возило на Црвен Крст, со медицински тим и волонтери на Црвениот крст патролира низ улиците во општина Кисела Вода, по потреба медицински интервенираат и ги транспортираат лицата, на кои високите температури им предизвикале здравствени проблеми, до нивните домови.

Општина Кисела Вода и СВР Скопје уште еднаш апелираат до сите жители да ги следат препораките и да ги почитуваат општите мерки за заштита на здравјето за кои докторите секојдневно информираат, како и да бидат многу внимателни во поглед на превенцијата од пожари, кои за жал се многу актуелни во овој период од годината.